Значајни културни знаменитости на Охрид:

 

Црква „Св. Јован Канео“ - Охрид

 

Западно од рибарската населба Канео во Охрид, на височинката што се издига косо над езерото се наоѓа црква која е посветена на Св. Јован - Богослов. Нејзината положба на ова доминантно место со широк видик кон југоисточната и северозападната страна од езерото ни дава вонредно убав изглед.

канео

За историјата на црквата не постојат пишани податоци, современи со нејзиното подигање и живописување. Во натписот зачуван на фреско-малтер од црквата Св. Константин и Елена во Охрид се споменува една нива од селото Лескоец како имот на црквата Св. Јован Канео, што се граничи со имотот на црквата Св.Константин и Елена. Со ова се потврдува постоењето на црквата пред 1447 кога е испишан натписот на Св.Константин и Елена - како и релативно раната појава на топономастичкиот назив на местото "Канео„ каде што е подигната црквата. Иако за црквата не постојат никакви сигурни историски податоци нејзиниот живот може да се следи во општи историски рамки на развиток почнувајќи од 13 век па се до почетокот на 14 век.

 

Плаошник

 

Плаошник или Плаош се нарекува месноста на јужната страна од ридот на кој се наоѓа стариод град Охрид, на околу 250м јужно од централниот дел од Самуиловата тврдина.

Плаошник е познат како религиозен локалитет уште од почетоците на христијанството, а веројатно и пред тоа. Пронајдени се неколку големи ранохристијански базилики, како и остатоците од црквата Свети Пантелејмон која ја изградил и во која работел Свети Климент Охридски.

На 11 август 2002 година свечено бил осветен новоизградениот храм Светите Климент и Пантелејмон, кој всушност претставува реплика на Светиклиментовата црква, изградена на истите темели. Црквата била урната во периодот на Отоманското владеење и на нејзината основа била изградена џамија. По реставрацијата во 2002, по 530 години, овде повторно се пренесени моштите на св. Климент Охридски кои во меѓувреме биле сместени во црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид.

 

Манастир „Св. Наум“ - Охрид

 

Манстирот Свети Наум е изграден на висока карпа, над самото Охридско Езеро, на најјужната негова точка, во една месност со ретка природна убавина. Подигањето на овој манастир е сврзано со името на Наум, Климентовиот соработник. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година во него е погребан.

Оваа црква по својот првобитен облик била скоро идентична на црквата Св. Пантелејмон во Охрид. Негде околу 10-13ти век Наумовата црква била потполно урната. Но потоа негде околу 16ти век на нејзините темели е подигната сегашната црква и тоа во две етапи. Отпрвин, при обновувањето, се изградени наосот и нартексот, а во втората, двете куполи - над наосот и нартексот. Сегашната црква ги носи преправките, и таа има форма на впишан крст во квадратно пространство со купола, поставена на четири столбови. Гробницата на Наум е посебна зграда со широка и ниска купола.

 

 


Choose language:
  
EN                 MK
Линкови: